ГФК Осогово

ГФК ОСОГОВО И СО УБЕДЛИВО НАЈМЛАД ТИМ ВО ЛИГАТА Е ЕСЕНСКИ ШАМПИОН

Како што веќе одамна е познато, ГФК Осогово есенската полусезона во Третата лига Исток ја заврши на челното место на табелата.

Осогово освен според бројот на бодови, е лидер во Третата лига Исток и според младоста на екипата, односно просекот на години. Со тоа челното место на табелата дава дополнителна тежина ако се земе предвид дека „жолто-сините“ беа најмлад состав есенва.

Со ова уште еднаш се потврдува заложбата и целта на оваа управа, а тоа е да се промовираат и форсираат млади фудбалери.

На 14 одиграни средби во тековната полусезона, ГФК Осогово има просек на возраст кај играчите по меч од 20.7 години. Како за илустрација, вториот тим на табелата и главен конкурент на нашата екипа за челното место, Овче Поле е највозрасна екипа со 24.7 години.

Интересно, ГФК Осогово во  8. и 9. коло, односно на средбите против Кежовица и Рудар настапи со екипа која имаше просек 19.6 години. Со волку млада екипа ниту една друга екипа во нашата лига не настапила ниту на еден меч.

Најмлад играч во нашите редови оваа сезона е Стојче Стојов кој во моментот кога започна сезоната немаше полни 18 години. Иако е најмлад, Стојов ги започна сите 14 натпревари како стартер и одигра 1118 минути.

Од друга страна пак, највозрасен играч е Ефтим Аксентиев кој има 33 години. Тој настапи на последните 5 дуели и оствари 271 минута.

За издвојување исто така е што изминатата полусезона ГФК Осогово промовираше неколку млади играчи кои за првпат заиграа сениорски фудбал. Тоа се 18-годишните Андреј Рајатоски, Петар Маркоски и Антонио Божинов. Притоа во тренажниот процес со првата екипа се вклучени уште неколку младинци од нашата академија кои поради нивната возраст не можат да настапат во официјален меч, но затоа шанса за игра добија на пријателските средби.

Leave a Reply