Историја

Кочани е еден од градовите каде што се играл квалитетен фудбал уште пред еден век.

Првиот фудбалски клуб во Кочани е формиран во далечната 1924 година – под име Султан Тепе (*највисок врв на планината Осогово) откако првата фудбалска топка во нашата општина ја донел Томе Ванѓелов. Сепак по наредба на српските окупациони власти наредиле веднаш да се промени ова име во некое друго што ќе асоцира на нешто српско, па сакале или не името го промениле во ФК Витез.

По две години од промената на името, во Кочани бил формиран втор клуб, со име Хајдук. Во меѓувреме се
формирале и екипите на Единство (1928) и Југ.

(ФК “Единство“ од 1928 година. На фотографијата, од лево на десно, се: Ѓ. Корнети, Арсов Митко – Анадолијата, С. Кукушев, О. Ѓорѓиев – Лангата, (непознато име), прекар Делијата, Ј. Димитров – Качлијата,Тасе костов – Гипата; клечат – Х. Манов, Демуш, Т. Блатечки)

Новата окупација на Кочани, сега од Бугарија донела ново реформирање на клубовите, па сите клубови во период од 1941 до 1949 година играле во една екипа под име ФД Македонија – Кочани.

(екипата на ФД Македонија – Кочани за која игра:  Во екипата настапувале Тошо Сенев, Михаил Андонов – Мишо Донкин, Панче Манов – Ѓаволиски, Ќемал Абазов, Александар Ефтимов, Благој Веселинов – Дојче, Иван Нишанџиски, Симо Донев – Џајката, Љупчо Алексиев – Бабицата, Тоде Паљошо и Ацо Викентиев)

Интересно, во овој период е одигран првиот ноќен натпревар: На 12.07.1945, ден Петровден (*Празник на град Кочани) се игра првиот ноќен натпревар во Кочани помеѓу ФД Македонија – Кочани и ФД 11 Октомври од Куманово.

Денешното име Осогово, екипата го добива од натпреварувачката сезона 1949/1950. година па се до ден денес.

(фотографија од 1950 година кога екипата го добива името Осогово)

Низ историјата, Осогово најголемите успеси ги има постигнувано во младинските категории. „Жолто-сините“, поточно младинската екипа во 1958 година ја освои македонската лига, па се стекна со права да игра во првенството на Југославија кое се играло во две групи, една во Шибеник каде играле и Црвена Звезда, а втората се играла во Белград каде бил и Партизан.

Токму во оваа втора група биле и Динамо од Загреб, Будуќност од Подгорица и Осогово. Овде фудбалерите на Осогово се претставиле во две различни изданија. Поради ненавремено известување од ФСМ за почетокот на натпреварите, управата на клубот не можела да резервира билети за вагоните за спиење, па младинците на Осогово целиот пат од Скопје до Белград го поминале стоејќи. Непроспиената ноќ во возот, претпладневното одење низ Белград барајќи го местото каде требало да бидат сместени предизвикало замор кај младинците на Осогово. Во дуелот со големиот Партизан изгубилe со 13:0. Вториот ден Осогово се сретнал со Динамо Загреб, и тогаш веќе одморените младинци заиграле како што знаат, и големиот противник бил победен со 3:1.

(моменти пред мечот помеѓу Осогово и Динамо Загреб во Белград на 19 јули 1958 година)

За треттиот меч со Будуќност, на Осогово му одговарал и нерешен резултат па тренерот така и ја поставил играта. Натпреварот завршил 0:0, со што Осогово завршил втор во групата, оставајќи ги зад себе праволигашите Динамо и Будуќност.

Најголем успех на кочанскиот младински фудбал по осамостојувањето на Македонија е во 1996 г. кога Осогово во Скопје на градскиот стадион ја победува Саса со 2:0, со што го освојува Младинскиот куп на Република Македонија.

Исто така младинските категории: Пионери генерација 89/90 и Кадети генерација 87/88 во сезоната 2004/2005 ја освојуваат пионерската и кадетската лига Исток на Република Македонија, Пионери со еден пораз и 2 нерешени средби од 36 натпревари и гол разлика 136:19 и Кадети со 5 порази и 4 нерешени средби и гол разлика 79:34. Од таа генерација до ден денес активни фудбалери се Драган Паунов, Александар Темелков, Стојанче Велинов и др.

Што се однесува до сениорскиот тим на Осогово, тој играше четири сезони во Првата лига, од нејзиното формирање во 1992 година, па се до 1996 година.

(Тимска фотографија од 1992 година – ФК Осогово како прволигаш во првата сезона од Првата лига во независна Македонија)

 

Во сезоната 1996/1997 настапува во Втората лига каде што се задржува две сезони, за да во натпреварувачката 1997/1998 ја освојува Втората лига и следното првенство се враќа во Прва лига каде останува во следните три сезони се до 2001/2002 година кога испаѓа повторно од прволигашка конкуренција. Во Втора лига клубот играше следните две сезони, за да во натпреварувачката сезона 2003/2004 испаднатво Трета лига поради кратење на Втората. Следнота првенство, сега како третолигаш клубот во годината кога го славеше својот јубилеј, 80 години, ги доживеа најтешките денови во историјата.
По седум сезони пауза, во сезона 2011/2012 Осогово се враќа во Втората лига. Но експресно истото првенство повторно испаѓа, за да следи повторно преживување во Трета лига, се до сезоната 2017/2018 кога повторно се враќа помеѓу второлигашите каде и што сега се наоѓа клубот.
Претседатели на клубот низ историјата биле:
  1. Томе Вангелов
  2. Наум Манов
  3. Владо Чадиков
  4. Јане Велински
  5. Ристо Дејанов
  6. Борис Стојчев
  7. Стојан Трендов
  8. Горѓи Серафимов
  9. Киро Алексиев
  10. Ѓорѓи Костов
  11. Тодор Манов
  12. Ванчо Серафимов
  13. Миле Соколов
  14. Благој Пенов
  15. Јордан Јорданов-Пикалец
  16. Благој Беќарски
  17. Лазар Веселинов
  18. Љупчо Беличев
  19. Арсо Божиновски
  20. Ванчо Каранфилов
  21. Влатко Костов
  22. Венко Крстевски
  23. Игор Данилов
  24. Бранко Богатинов