ГФК Осогово

РЕЗИМЕ ЗА ПРОЛЕТНА ПОЛУСЕЗОНА 2017/2018

Втората лига Исток за сезоната 2017/2018 е зад нас, а ГФК Осогово на крај заврши на 8. место на табелата. Ефектот е 19 бода од 25 одиграни натпревари на кои се забележани 5 победи, 4 реми исходи и 16 порази.

-ЗИМСКА РЕОРГАНИЗАЦИЈА

Клубот пред крајот на есенската полусезона во очајна ситуација беше преземен од АД ХОК тело кое смогна сили и ја заврши полусезоната, онака како што заврши. Клубот од старото раководство беше презеден со 7 бода и очајна гол-разлика, разнишани односи помеѓу фудбалерите и нарушена атмосфера, како во соблекувалната, така и помеѓу симпатизерите и навивачите на клубот. Притоа со низа долгови, почнувајќи од фудбалери, стручен штаб, економ, медицински лица и низа добавувачи.

Во транзицискиот период, поточно во зимската пауза клубот доби ново раководство и сериозна организациона поставеност. За првпат во поновата историја, Осогово доби комплетнa спортска опрема (тренерки, дресови, шушкавци, палтa, маички).  Во овој период клубот им се заблагодари на досегашната соработка на неколку фудбалери, а притоа Управата во консултација со стручниот штаб ангажираше низа засилувања.

Ова беше предуслов да се организират и реализират врвни подготовки на високо ниво. Со исхрана, суплименти, масажа, двапати на ден тренинг, како и одигрување на контролни натпревари од неколку вида. Се спарингуваше со прволигаш, со екипа од странство, со тимови од наше ниво, но и послаби.

Подготвителниот период мина  одлично, без повредени фудбалери, резултатитe беа во втор план, а приоритет беше воигрување на релативно новата екипа.

-ДИГИТАЛИЗАЦИЈА, МАРКЕТИНГ, СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ

Како еден од многу важните елементи кој треба да се потенцира е моментот што клубот за првпат доби своја официјална интернет страна. Притоа беше ставен акцент и на работата на социјалните медиуми.  Покрај официјален профил на „Фејсбук“ се направи и профил на „Инстаграм“ и „Твитер“, а сето тоа за подобра презентација на клубот, информирање на јавностa, како и зближување до симпатизерите и навивачите на клубот. Осогово започна со еден вид и „Фан шоп“ и продавање на одредени артикли  (за почеток маичка), а воведе и новинитет со тоа што за првпат пушти карти и во предпродажба на неколку локации. Притоа ГФК Осогово и се ребрендираше, добивајќи ново лого.

-НАСТАП ВО ВМФЛ ИСТОК – ПРОЛЕТНА ПОЛУСЕЗОНА

Официјалниот дел, оној натпреварувачки беше отворен со убедлив триумф над Победа Валандово со резултат од 4-0.

Потоа следеше пеколен распоред, во само ЕДЕН месец одигравме ПЕТ натпревари против првопласираните три екипи на табелата кои беа со прволигашки амбиции и притоа изразени фаворити. За „невољата“ да биде уште поголема, три од нив одигравме на гости.

„Пеколното“ темпо започна на 18. март на гости во Велес пртови Борец кој не совлада по пресврт, со гол во финишот од мечот (2-1). Веќе во следното коло ја пречекавме Брегалница Штип со која во одличен и возбудлив меч, пред повеќе од 2.500 гледачи, одигравме реми (2-2). Следниот викенд, веднаш потоа следеше ново гостување на Борец кој повторно среќно, со гол во 88. минута не совлада со 1-0.

А потоа, Брегалница Штип, повторно во Кочани, мечот идентично заврши, со реми, но сега без погодоци. По три дена, на 17. април следеше гостувањето кај првопласираната Беласица, меч на кој Осогово настапи со комбиниран тим и забележа пораз од 5-0.

Во следното коло ја пречекавме Каменица САСА, меч кој привлече повторно над 2000 гледачи на „Никола Мантов“, а на кој Осогово славеше минимално со 1-0. Но потоа следеше вистинско разочарување за многумина, во меч во Радовиш против Плачковица, Осогово загуби со 3-2, но едноставно кажано, среќата не не посака. Нашата екипа беше онаа која што ја имаше доминацијата, играта на теренот, шансите, но домаќините од секоја наша грешка, постигнуваа гол.

Но на враќање на победите не чекавме долго, откако во Валандово падна Победа со 3-5, прва гостинска победа за „жолто-сините“ по 14 години. Сезоната ја завршивме со два идентични порази од по 2-1, првин во Кавадарци од Тиквеш, а потоа и во Кочани од Кожуф, меч во кој иако водевме, на крај сме поразени. Може да се заклучи дека Осогово во ниту еден меч не беше надигран, со исклучок на оној во Струмица, на сите натпревари кога губеше, тоа го правеше минимално, со еден гол разлика.

Крајот на сезоната клубот ја заврши со целосно исполнети обврски кон фудбалерите и стручниот штаб, притоа во целост, како што беше договорено и во точен временски период.

-РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА МЛАДИНСКИ ШКОЛИ

Како еден од приоритетите на УО на клубот што беше потенцирано уште при самото доаѓање, беше акцентот на реорганизација и развој на младинските школи.

За разлика од многу други детски младински школи, како во државата, така и во нашата Општина, во ГФК Осогово не се наплатуваше членарина, притоа дечињата добија опрема, бесплатен превоз, како и ужинка.

Се подигна бројот на членови во младинската школа на клубот, се створија подобри услови за работа, а сето тоа со тенденција уште летово да се омасови школата со уште повеќе членови.

-ВРАЌАЊЕ НА ПУБЛИКАТА НА СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“

Како една од целите која беше поставена пред овој УО, а од која може да бидеме задоволни е нашата публика. Уште на самиот почеток, при пријателските средби веднаш се забележа дека публиката се враќа. Главната експанзија беше кога започна сезоната, а на трибините во просек на домашните натпревари пролетва имаше близу 2000 гледачи, нешто со кое слободно може да се пофалиме дека предничевме во нашата лига, а за ваква бројка може да ни подзавидат и најмалку пола од прволигашите. Притоа, своевиден парадокс е што на дел од гостувањата нашиот клуб беше следен и од по стотина наши навивачи кои одвојуваа и време и средства да го следат и бодрат нашиот клуб за што сакаме да им искажеме благодарност. Како Управа, можеме да кажеме дека сме исклучиво горди на нашата публика, која искрено се надеваме во новата сезона во уште поголем број ќе го бодри ГФК Осогово.

ДОЛГОВИТЕ НА СТАРАТА УПРАВА ГО ОДВЕДОА ГФК ОСОГОВО ПРЕД СУД

Порадите старите долгови на претходната управа, направени во период од 2016 и 2017 година кон превозникот АВТО „АТОМ“,клубот се најде пред суд каде што е поведена постапка и веќе започна рочиштето. Правниот тим на клубот е максимално ангажиран и се надеваме на позитивен епилог на постапката . Исто така од старата управа имаше наследено долгови по низа основи како: плати кон фудбалери и стручен штаб, неплатени обврски за лекарски прегледи, неплатени обврски кон неколкумина добавувачи итн.

ШТО ПОНАТАМУ?

ГФК Осогово во следниот период ќе дознае во која лига ќе се натпреварува следната сезона. На седница на Управен Одбор на Фудбалската Федерација на Македонија ќе биде донесена одлука за изгледот на Прва лига, Втора лига и Трета лига. Според одредени најави, на кои искрено се надеваме, ГФК Осогово би требало и следната сезона да остане второлигаш.

Leave a Reply