ГФК Осогово

Со нова петорка заокружен зимскиот преоден рок

На последниот ден од преодниот рок, ГФК Осогово ангажираше уште пет нови фудбалери за пролетниот дел од сезоната.

Клубот се засили со двајца нови голмани. За „кецот“ во продолжението од сезоната ќе се борат 20-годишниот Андреј Ивановски и 25-годишниот Дарко Атанасовски.

Ивановски доаѓа од третолигашот ССК Нова, додека во минатото бил дел од Металург и Скопје, како и германски ТСВ Аспис.

Атанасовски доаѓа од редовите на второлигашот Пелистер, а претходно бил дел и од Кравари и Новаци.

Кон екипата на ГФК Осогово се приклучи и 20-годишниот играч за врска Никола Димовски кој доаѓа од прволигашот од Црна Гора, Ком. Претходно во нашата држава има играно за Каменица Саса, Академија Пандев, Скопје, Вардар, ССК Нова, Еуромил ГЛ и Македонија ЃП.

Во екипата по шест месеци минати во Каменица Саса се враќа Филип Ѓорѓиев кој е играч за врска. Претходно има играно за Металург и Улјаник од Хрватска.

Петорката ја заокружува 22-годишниот Даријо Трајановски кој доаѓа на шестмесечна позајмица од прволигашот Силекс. Игра по крилните позиции, а претходно настапувал и за Плачковица и Рудар Пробиштип. Тој кон екипата ќе се приклучи утре на контролниот меч против Кожуф во Гевгелија. (затоа го нема на фотографијата погоре)

Како што е познато, претходно клубот се засили со Силвио Ангеловски (Овче Поле), Александар Неданоски (Пелистер), Ѓорге Глигоров (Детонит), Христијан Крклински  ( Црно Буки ЗЛ), Бобан Здравевски (Питу Гули), Глигор Дончев (Академија Пандев). Иако претходно најавивме, сепак не дојде до трансфер на голманот Марио Сандевски. Па така бројката на нови играчи се заокружува со бројката 11. Пролетва со првиот тим ќе бидат вклучени и двајца младинци, Стојанче Тренчев (2003) и Марко Соколов (2004).

Leave a Reply