Стадион

Стадионот Никола Мантов“ во Кочани е стадион со капацитет од 5.000 гледачи.

Стадионот е лоциран во јужниот дел на Кочани, а има две трибини: источна и западна

Во подтрибинскиот простор на источната трибина е сместен ресторан со капацитет од 340 места, во чиј состав работи и мотел со 22 двокреветни соби. Во склоп на западната трибина се клубски простории, соблекувални, бањи, канцеларии, сала за состаноци, прес сала, сала за стрелиште и други помошни простории. Во продолжение на главниот терен за игра, на јужната страна, се протега и помошен терен за тренинзи.

ИСТОРИЈА НА СТАДИОНОТ

Стадионот во Кочани во употреба е пуштен 1952/53 сезона, а своето денешно име го добива по смрта на фудбалерот Никола Мантов во 1973 година. Изградена е западна трибина, со покрив и капцитет од 800 седишта. Во подтрибинскиот простор се направени соблекувални за домашни и гостински играчи, како и за судии и други официјални лица. Оваа трибина беше во функција се до 1980 година кога се повеќе ја покажуваше својата старост, а подоцна беше и опожарена.

 

(стара западна трибина на „Никола Мантов)

Во 1962 година теренот на Градскиот стадион прв пат доби дренажа, која ја изведе фирма од Прилеп, специјализирана за фудбалски терени.

Во 1980 година беше пуштена  во функција новата источната трибина со капацитет од 2800 места за седење и подтрибински простор, дел за соблекувални, а другиот дел беше градско стрелиште. Горниот подтрибински дел беше наменет за бод-билдинг и други атлетски спортови.

(фотографија на која се гледа како привршува изградбата на источната трибина)

Во 1993/94 година кога претседател на Управниот одбо на ФК Осогово беше Арсо Божиновски, источната трибина, односно подтрибинскиот простор комплетно е пренаменет во хотел-ресторант кој е ставен во функција на ФК Осогово. Истата година е изградена нова западна трибина, според изгледот на старата, но со капацитет од 1800 места, а просторот под трибините бил наменет за потребните на фудбалерите.

Во април 2014 година со средства на буџетот на Општина Кочани се реконструирани соблекувалните и санитарните јазли на стадионот. Поставени се нови – алумински стативи и два јарболи, обновени се кабините за новинарите и притоа подобрена зелената површина на теренот.

Име на стадионот

(Никола Мантов)

Во 1973 год. ФК “Осогово“ играл во тогашната Македонска републичка лига (трето ниво на натпреварување во поранешна Југославија). Таа сезона, во рамките на 34-то коло, на 1 јули 1973 г., “осоговци“ биле домаќини на средбата со ФК “ФАС 11 Октомври“ од Скопје.

Во 10-та минута од првото полувреме, при резултат 1:0 за домаќините, како последица од срцев удар, на теренот како покосен паднал 23-годишниот фудбалер на “Осогово“, Никола Мантов (Мендиз). Младиот играч, студент на втора година на Машинскиот факултет во  Битола, веднаш бил префрлен во болницата во  Кочани, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта. Главниот судија Ратко Ѓорѓиоски од Прилеп веднаш го прекинал натпреварот, а присутните 2.000 гледачи по соопштувањето на жалната вест, со насолзени очи го напуштиле стадионот.

Во својата кратка фудбалска кариера Мантов одиграл 59 првенствени и уште толку куп натпревари, играјќи на позициите лев бек и лево крило. Постигнал повеќе голови, а за целиот период на активно играње фудбал добил само еден жолт картон..

Во знак на сеќавање на овој играч, стадионот го добива неговото име и тоа е единствениот стадион во Македонија кој воопшто носи име на еден фудбалер.

Официјализирањето на името на стадионот е направено на седница на Советот на Општина Кочани, одржана на 30 април 2014 година, на која советниците од сите политички партии гласаа едногласно за предлогот.

Поважни натпревари

На стадионот „Никола Мантов“ во Кочани е одигран  првиот официјален натпревар на домашен терен за една репрезентација на Македонија. Младата селекција на Македонија до 21 година во Квалификациски меч за пласман на ЕП 1996 година. Одигран на 07.09.1994 година славеше над Данска со 5-4. Истиот меч беше следен од рекордна посетеност од преку 7.000 гледачи.

(моменти од дуелот Македонија У21 – Данска У21)

Во истите квалификации, нашата селекција играше уште еден меч во Кочани, кога славеше над Кипар со резултат од 1-0.

Третиот меѓународен меч кој е игран на „Никола Мантов“ во Кочани е пријателската средба против Бугарија на 12. 04. 1995 година која заврши без победник (0-0).

На стадионот на 02.10.2002 играше и репрезентацијата до 21 година против Турција  и забележа пораз од 0:4.

Никола Мантов бил домашен стадион и на прволигашките екипи на ФК Вардар Скопје и ФК Брегалница Штип, кои поради суспензија или реконструкција на нивните домашни терени, наптреварите од тековната сезона во првата лига ги играле на овој стадион.

Реконструкција и обнова

Во следниот период, се очекува според постоечкиот проект да биде покриена и источната трибина каде што треба да се постават и пластични столчиња. Исто така стадионот ќе добие рефлектори, како и нов тревник, дополнително со помошен терен со вештачка трева.