ГФК Осогово

УБЕДЛИВА ИГРА ЗА ЈУБИЛЕЈНА ДЕСЕТТА СЕЗОНСКА ПОБЕДА

ГФК Осогово го продолжи победничкиот поход во Третата лига Исток откако денес на гостувањето во Делчево, во рамки на 13. коло славеше сигурна и лесна победа над Брегалница Сениори со резултат од 2-4 (0-2).

Мечот започна со блага иницијатива на домаќините кои во воведниот период ја имаа и најубавата шанса за гол, но погодија само во стативата. Но во продолжени на мечот доминираше Осогово, па во период од три минути дојде во сигурно водство од 0-2.

Креатор на двата погодоци беше Драганчо Паунов кој првин во 26. минута стрелаше за 0-1 во тој момент, а во 29. минута донесе дуплирање на предноста со која се замина на пауза по првиот дел.

Домаќините на почетокот на вториот дел во 49. минута по изведен корнер и наше невнимание, го намалија резултатот (1-2). Но во продолжение, ако во првиот дел беше Паунов, сега во вторите 45 минути на сцена стапи неговиот партнер од нападот, Тоше Манов кој со два гола, во 54 и 71 минута донесе 1-4.

Во самиот финиш, главниот судија Драган Јаневски кој денес со своите помошници Ѓеоргиев Богданчо и Ѓорѓиев Јордан беше на нивото на задачата, досуди пенал за домаќините кои во последната минута од средбата го ублажија поразот (2-4).

Со денешната нова победа, јубилејна 10-та, „жолто-сините“ сега имаат 30 бода на лидерското место, односно 6 повеќе во однос на второпласираната Кежовица (24) и Овче Поле (24) кој е на третото место.

Leave a Reply