ГФК Осогово

ФУДБАЛОТ НЕ Е САМО ИГРА! ОСОГОВО СЕ ОБЕДИНУВА СО УШТЕ 77 КЛУБОВИ ОД СВЕТОТ ЗА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА ИСЧЕЗНАТИ ДЕЦА

Нашиот клуб на покана на нашите пријатели АС РОМА ги здружува силите со уште 77 фудбалски клубови од 5 континенти во светот за „Интернационалниот ден на исчезнати деца“ на 25 мај, со надеж дека ќе бидеме од корист во пронаоѓање на млади лица кои се пријавени и се сметаат за исчезнати.

Осогово е единствен македонски клуб кој е дел од оваа иницијатива, а помеѓу останатите клубови кои прифатија да го поддржат овој проект се и Рома, Јувентус, Интер, Лацио и Аталанта од Италија, Ливерпул, Челси и Тотенхем од Англија, Барселона, Атлетико Мадрид и Валенсија од Шпанија, Марсеј од Франција, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен од Германија, се само некои од многуте тимови кои ги претставуваат 37-те различни земји и лиги низ целиот свет.

Секој клуб треба доброволно да ги користи своите канали на социјалните медиуми за на 25 мај да сподели видео во кое се прикажани деца кои во моментот се водат како исчезнати низ целиот свет.

Иницијативата „Фудбалот се грижи“ (Football cares) ја води Меѓународниот центар за исчезнати и експлоатирани деца (ICMEC) и ја поддржува и Европската клупска асоцијација (ECA), како и ФИФА.

Минатото лето нашите пријатели од фудбалскиот клуб Рома објавуваа низа на објави со деца кои се сметаат за исчезнати и благодарение на нивните објави 6 од децата беа пронајдени и вратени таму каде што припаѓаат. Затоа и од ICMEC веруваат дека ваков проект проширен интернационално може да ја зголеми веројатноста да се пронајдат уште повеќе драгоцени млади лица.

„Секоја година повеќе од милион деца се пријавени како исчезнати низ целиот свет и додека мнозинството можат брзо и безбедно да се вратат дома, многумина остануваат исчезнати на подолг период“, ова е изјава на Боб Канингам, главен извршен директор во ICMEC. „На меѓународниот ден на исчезнатите деца 2020 година, ние сме среќни да ја имаме поддршката од глобалната фудбалска заедница. Со огромното и глобално достигнување, како и популарноста во своите земји со кое се гордеат сите овие клубови на интернационален план, се надеваме дека некој некаде може да препознае некое од исчезнатите деца во видеата и да доведе до повторно обединување на детето со своите најблиски“.

За одбележување на Меѓународниот ден на исчезнатите деца, на 25 мај секоја година ICMEC ги координира активностите и кампањите за градење на свеста за проблемот со исчезнатите деца, ги слави оние што се опоравени и пронајдени и се сеќава на сите оние кои сè уште недостасуваат. „Фудбалот е најпопуларен спорт во светот и ICMEC го препознава потенцијалот на клубовите да ги засилат нашите напори за објавување на маките на исчезнатите деца преку нивното неверојатно присуство на социјалните медиуми“, изјави Каролин Хумер, потпретседател на програмата. „Би сакале да им се заблагодариме на ECA и ФИФА за нивната фантастична поддршка и секој клуб кој се согласи да учествува во иницијативата „Football cares“.

Ги повикуваме сите македонски фудбалски клубови кои сакаат да бидат дел од оваа иницијатива да пристапат со своја пријава на следниот и-меил: footballcares@asroma.it

Leave a Reply